Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА како еден од своите главни продукти од 3 до 5 ноември годинава во Кино Култура го организира Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, неколкудневен настан кој за прв пат се одржува во Македонија.
Програмата на фестивалот е поделена во неколку сегменти, со филмови посветени на истражувачкото новинарство и други медиумски трендови, како и бројни дебати, работилници и говорници од Македонија, регионот, Европа и САД кои ќе се фокусираат на разни актуелни теми од областа на новинарството и медиумите.
Фестивалите се секогаш поводи за прославување, а ние со првото издание на ИФФС се стремиме да ги славиме идеите, храброста и бескрајната потрага по вистината.
Посветувањето на фестивал само на истражувачкото новинарство и истражувачките филмови е релативно нов концепт во светски рамки и ИФФС е еден од првите фестивали од ваков вид во овој дел на Европа, што се надеваме дека ќе претставува чекор напред за домашната медиумска сцена. Улогата на новинарот никогаш не е изолирана од нашето опкружување и секоја истрага и секое прашање води кон напредок, без разлика дали тие влијаат на милиони луѓе или пак му даваат глас на еден замолчен индивидуалец. Затоа веруваме дека филмовите, работилниците и дебатите на ИФФС ќе бидат интересни за професионалните и идните новинари, но и за публиката која е заинтересирана за ваквиот вид приказни кои се во потрага по вистината.
Отворањето на првото фестивалско издание годинава го носи слоганот “Whistle in the dark” и е посветено на свиркачите, храбрите поединци кои обелоденуваат информации во име на општото добро и покрај ризиците и последиците со кои се соочуваат. По прикажувањето на филмот „Да се биде укажувач“ (Being a Whistleblower) на францускиот новинар и режисер Беноа Бринже, публиката во петок (03 ноември) ќе има можност да ја слушне дискусијата „Свиркачи: „тајни“ играчи кои може да ја променат историјата“. Меѓу учесниците на дебатата посветена на таканаречените „свиркачи“, што ќе ја води македонската новинарка Сашка Цветковска, е и Бети Медсгер (via Skype), легендарната американска новинарка која во 1971 година ги објави анонимно доставените документи земени од канцеларија на ФБИ и застана на страната на укажувачите, со што предизвика промена на законите и моќта што разузнавачките служби дотогаш ја имале врз американскиот народ.
Овие откритија доведоа до сознанија дека моќниот директор на ФБИ Џ Едгар Хувер, имал тајна операција во која нелегално следел илјадници граѓани и активисти. Таа неколку децении ги држеше во тајност идентите на свиркачите кои провалиле во канцелариите на ФБИ и потоа и ги дале украдените документи. За промените до кои може да доведат укажувачите и храброста потребна за тој чин, на дебатата ќе зборува и Ѓорѓи Лазаревски, поранешниот началник од УБК, кој е еден од свиркачите кои ги протекоа таканаречените „бомби“ кои директно влијаеја и доведоа до промените во нашата земја.
На истата дебата ќе говорат и Алесија Черантола и Беноа Бринже, истражувачки новинари кои беа дел од тимот репортери што работеше на истражувачката сторија „Панамските документи“, која ја освои Пулицерова награда.
И покрај тоа што ИФФС е фестивал посветен на истражувачкото новинарство, веруваме дека прашањата што ќе се отворат ќе ги заинтересираат и оние кои не се дел од светот на медиумите. Филмовите што се дел од фестивалската програма ја отсликуваат врската на новинарската работа со секој сегмент од општеството, па преку нив публиката ќе може да открие повеќе за приватизацијата во Хрватска („Газда“), затајувањето данок во Велика Британија („Пајакова мрежа“), криволовот на птици во Србија („Рамница без птици“), проблемот со загадувањето („Црни бели дробови“ и „Загадување: Скопје го стигна Пекинг“), како и опстанокот на печатените медиуми во дигиталниот свет („Новинарство по ново, новинарство по старо“).
Преку фестивалските дебати и работилници од низа различни аспекти ќе ги разгледаме предизвиците и проблемите врзани со новинарската работа денес. Британецот Крег Шо кој ќе зборува за значењето на фриленс истражувачкото новинарство, Дарио Јуричан и Саша Папарела ќе откријат како преку crowdfunding да се финансира истражувачки филм, Роб Монтгомери ќе одржи работилница за нискобуџетни документарци снимени со мобилен телефон, Италијанката Барбара Скјавули ќе ја сподели својата приказна како долгогодишна фриленс воена репортерка а група новинари од Македонија, Албанија, Србија, Хрватска, Косово и Словенија ќе дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат истражувачките новинари од регионов.
Меѓудругите содржини на фестивалот за прв пат ќе имаме и гостин од Велес, Антонио – 19 годишен тинејџер кој работел во индустријата за лажни вести и сега јавно ќе говори за тоа на дебатата посветена на лажните вести.
Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА е организација од млади новинари, ентузијасти и професионалци која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија. Освен тоа, ПИНА се залага и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.
Целосната фестивалска програма за изданието од 2017 година е достапна на следниот линк: https://2017.iffs.mk/
Работниот јазик на фестивалот кој е од интернационален карактер е англиски јазик. Влезот за сите настани е бесплатен.
-Тимот на ПИНА/ИФФС