Се упатувате кон дигиталното? Нема потреба да кликнете „Се согласувам“ за да продолжите. Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје не бара да ги задржи вашите податоци, туку да го задржи вашето внимание со филмови, дискусии и работилници посветени на промените во медиумскиот делокруг во дигиталната ера.
Станува сè потешко да се држи чекор со брзорастечката технологија – редакциите се принудени да балансираат меѓу квалитетно новинарство и борба за што повеќе кликови, а пак корисниците мора да препроверуваат дали најновите трендови на социјалните мрежи се обична забава или нарушување на личните права.
Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје погледот го вперува „Кон дигиталното“ разгледувајќи го светот на иновативни можности и можни нарушувања на приватноста. Придружете ни се на третото издание на ИФФС каде ќе видиме како новинарството може да преживее и напредува рамо до рамо со доминантните социјални медиуми, што медиумите би можеле да ѝ понудат на публиката опремена со лични дигитални редакции во своите телефони, и кои алатки и платформи може да се исползуваат за сеопфатно пласирање на новинарските приказни.
Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА заедно со партнерите ФЕС – Скопје од 31 октомври до 2 ноември годинава во Кино Култура по трет пат го организира Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, неколкудневен настан посветен на новинарството и медиумите.
Програмата на фестивалот е поделена во неколку сегменти, со филмови посветени на истражувачкото новинарство и други медиумски трендови, како и бројни дебати, работилници и говорници од Македонија и странство кои ќе се фокусираат на разни актуелни теми од областа на новинарството и медиумите.
Мотото на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје е насловено „Кон дигиталното“ и од различни аспекти ја разгледува позицијата на медиумите и новинарите во дигиталната ера.
Со интерактивната содржина на третиот ИФФС, за првпат на фестивалот на посетителите им се нуди увид во виртуелна и аугментирана реалност. Во холот на кино Култура со помош на VR очила фестивалските гости ќе имаат прилика одблизу да ги доживеат документарните приказни на иновативното студио Контраст од дигиталниот оддел на Ал Џезира, а пак преку интерактивниот краток филм „Крадејќи ти ги чувствата“ секој ќе може да открие како апликациите користејќи вештачка интелигенција ги читаат емоциите од неговото лице. И овој сегмент, како и останатите фестивалски содржини, е бесплатен и отворен за сите посетители. Овој дел од програмата на ИФФС е поддржан од УНХЦР Скопје.
Третото издание на ИФФС ќе го отвори новинарката Ана Зафирова со панел дискусија посветена на борбата за опстанок и интегритет на новинарството во светот на социјалните медиуми, по што ќе биде прикажан Тhe Great Hack, документарен филм за скандалот со Кембриџ аналитика и злоупотребата на личните податоци на Фејсбук корисниците. За предизвиците со кои се соочуваат медиумите денес, како и насоките во кои може да се исползуваат иновативните алатки, Зафирова ќе разговара со Марија Фернанда Лаурет од Контраст и Ана Јакимовска, докторка на науки од областа на вештачка интелгиенција, која има работено во престижни британски медиуми како Guardian, Sky News, BBC и Channel 4. Покрај презентацијата за покривање актуелни социјални проблеми преку документарци со виртуелна реалност, на ИФФС ќе се зборува и за новите дистрибутивни модели преку video on demand платформите, за користење блокчејн технологија во онлајн медиумите, за правото на приватност и заштита на податоци на Интернет, за иницијативите за неформално новинарско образование за млади новинари, како и за прекугранични соработки на новинари од земјава и соседна Грција. Богатата фестивалска програма не ги заобиколува ниту актуелните домашни теми, па на ИФФС ќе ги слушнеме ставовите и стравовите на искусни новинари врзани со предложениот акциски план на Владата за борба против дезинформации и лажни вести. Фестивалот повторно нуди широка палета на работилници и разговори за најновите трендови во медиумите и на социјалните мрежи. Со гостинката од Германија, уредничката Верена Ламерт, ќе разговараме како успешно да се користи Инстаграм за пласирање на горливите прашања кои ја засегаат помладата публика. Организаторот на ИФФС, Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, неодамна започна две нови програми – Програма за жени новинарки како и Програма за мобилно новинарство, со кои ќе се запознаеме преку разговори за можностите за развој на мобилното новинарство во земјава, како и за предизвиците на жените новинари. На водечката тема на годинешното издание на ИФФС ќе се разгледа и патот кон дигиталното на домашните редакции, а покрај дискусијата на оваа тема новинарите ќе имаат можност и да го разгледаат примерот за дигитализација на редакцијата на финскиот јавен сервис на работилница со гостинот од Финска, Матијас Еркиле. Филмската програма на ИФФС опфаќа документарци за децентрализиран интернет (The Decentralized Web is coming), модерирање на содржините што се шират по социјалните медиуми (The Cleaners), онлајн закани кон новинарки (A Dark Place),за ширењето на десничарска пропаганда во Европа (How Steve Bannon’s far-right ‘Movement’ stalled in Europe) и за иновативниот истражувачки колектив Белингкет (Bellingcat – Truth in a Post-Truth World). Годинава ИФФС првпат ќе прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“ заснована на вистински случувања. Филмот каде Кира Најтли ја игра Кетрин Ган која споделувајќи тајни документи се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак, ќе се прикаже во МКЦ како дополнителна програма на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје. Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА која го организира ИФФС е организација од новинари, ентузијасти и професионалци која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија. Освен тоа, ПИНА се залага и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите. Фестивалот е од интернационален карактер и дел од настаните се на англиски јазик.
Целосната фестивалска програма за изданието од 2019 година е достапна на следниот линк: https://2019.iffs.mk/
Влезот за сите настани е бесплатен.
Со почит, тимот на ПИНА/ИФФС