Во Зеница, средно голем град во Босна, зачестените случаи на рак, детски дијабетес и респираторни заболувања станаа секојдневие. Загадувањето на воздухот е високо низ цела Босна, но граѓаните со сомнеж гледаат кон огромната фабрика за челик и кокс, која зафаќа четвртина од градот и е најголемиот работодавач во областа. Тие бараат емисиите од фабриката да се мониторираат, како што е предвидено со еколошката дозвола, но ништо не се случува. Во најзагрозеното маало, жителите чувствуваат дека нивниот глас не се слуша и затоа се организираат во граѓанската организација Еко Форум за да бараат промени.
Филмот го следи седумгодишниот ангажман на Еко Форум (2017-2024) во борбата за транспарентност и одговорност. Преку перспективите на граѓаните кои ги трпат последиците, документарецот им дава глас на оние кои често се занемарени, откривајќи ги сложените механизми што стојат на патот на логичните мерки за одржливост во градот – проблем што е присутен во многу места ширум светот.