Согласно антитерористички закон во Велика Британија, ако тамошната полицијата побара, мора да им ја предадете лозинката за телефонот или компјутерот.
Кога активистот за човекови права, Мухамед Рабани, одбива да го стори тоа и треба кривично да одговара, еден новинар почнува да ја истражува приказната.
Истражувањето води до изненадувачко откритие за постоењето на тајна владина програма наречена „Фантомски папагал“, наменета да ги копира личните податоци на оние чии лозинки се преземени на аеродроми и гранични премини. На мета најчесто се припадници на малцинствата.
„Фантомски папагал“, аналитички филм скроен како детективска приказна, ни ја открива мрачната страна на технологијата, човековите права и системскиот расизам во време кога знаењето сè уште е моќ, но уште помоќен е пристапот до податоци.



