Во 2020 година, целиот уреднички тим на Index.hu, еден од водечките независни медиуми во Унгарија, поднесе оставка во знак на протест, оценувајќи дека е нарушена уредувачката независност на медиумот.
Воениот известувач Андраш Фелдеш ја насочи својата камера кон сопствената редакција и почна да го документира нејзиниот распад однатре. Во период од пет години, тој ја следеше борбата на новинарите за професионална автономија и колективен опстанок, бележејќи приказна што се одвива со напнатоста на политички трилер и интимноста на личен документарец.
„80 гневни новинари“ прикажува едно пресудно поглавје од демократското назадување на Унгарија, раскажано низ внатрешниот пресврт во една редакција. Малку филмови толку непосредно го документирале начинот на кој политичката моќ навлегува во независните институции и ги преобликува однатре.
Масовната оставка прерасна во еден од најзначајните медиумски скандали во Унгарија таа година, привлекувајќи меѓународно внимание. Како што во филмот истакнува Вера Јоурова, тогашна потпретседателка на Европската комисија, примерот на новинарите кои колективно поднесоа оставки придонел за развојот на Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), кој стапи во сила во 2025 година.
Жанр: Документарен филм
Времетраење: 94 минути
Година на продукција: 2026
Земји: Унгарија, Германија, Чешка, Норвешка, Данска
Јазик / Превод: Унгарски / Англиски
Режисери: Андраш Фелдеш, Ана Киш
Продуценти: Лоранд Балаж Имре, Андраш Фелдеш
Продукциски куќи: filmDOUGH Productions (Германија), D1 Film (Чешка), Differ Media (Норвешка), GotFat Productions (Данска)


