Проф. д-р Дивна Пенчиќ е родена на 22.9.1967 година, во Скопје. Со високо образование се стекнала на Архитектонскиот факултет, при Универзитетот Св. Кирил и Методија во Скопје во 1994 година, каде и магистрирала 2002, а докторирала 2011 година, во областа на техничките науки, архитектура и урбанизам.
Својата работна кариера ја започнува во Студиото на светски реномираниот турски архитект Џенгиз Бекташ, во Истанбул (1994-1995), а потоа продолжува во Флуид Проект, Скопје (1995-1998). Својата академска кариера ја започнува 1998 година, на Архитектонскиот факултет, при Универзитетот Св. Кирил и Методија во Скопје.
Проф. д-р Дивна Пенчиќ, како наставник е ангажирана на предмети од областа на урбанизмот и одржливиот урбан развој.
Покрај редовните обврски, таа е вклучена во бројни научни и стручни проекти, како експерт од областа на урбанистичкото планирање и одржлив развој, поддржани од домашни и меѓународни институции (Влада на Република Македонија, Општина Центар, Општина Карпош, Хабитат-Македонија, REC Macedonia, ECF, UNDP, UN-Habitat, и др).