Седмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје се одржа од 21 до 23 ноември.
Темата на ова фестивалско издание беше корупцијата и улогата на медиумите во вечната антикорупциска борба. Новинари од Македонија и од поширокиот регион разговараа за (не)моќта на медиумите да се справат со овој сеприсутен феномен.
Медиумскиот фестивал Скопје, во организација на ПИНА, традиционално понуди и работилници за активни и надежни новинари, а преку дискусии и јавно презентирање на работата на колегите од Програмата за млади новинари и Програмата за жени новинари на ПИНА, отвори простор за збогатување на домашната медиумска сцена.
Многубројни говорници беа дел од ова издание, меѓу кои и новинарите и експертите од нивните области како Роб Монтгомери, Линдита Цела, Александра Томиќ, Милица Војиновиќ, Влатко Стојановски, Бранимир Брадариќ, Жељко Драженовиќ, Гордана Илиќ – Остојиќ, Даниел Василев, Кристијан Трајчов, Симона Паскоска, Ивана Крстеска, Виктор Вукановски, Марта Стевковска, Маја Терзиова и Кристина Озимец.
Покрај дискусиите, беа спроведени и различни работилници и презентации кои опфатија широк спектар на теми.
На фестивалското издание во 2023 година беа прикажани 7 филмови поврзани со корупцијата, улогата на медиумите во нејзиното разоткривање и поширокото влијание врз општеството.




